top of page

Купување плац: Што треба да знаете пред да купите имот?

Размислувате да инвестирате во имот, најдовте совршена прилика и одлучни сте да го купите плацот, кој совршено одговара за Вашите потреби. Што е потребно да проверите претходно, за да немате административни проблеми од урбанистички и плански аспект?


Наш совет пред купување плац е да се консултирате со архитект, урбанист или правник, односно лице кое ги познава Законот за Урбанистичко Планирање, Законот за Градење и нивните подзаконски акти. Сепак, доколку сакате сами да ја разгледате ситуацијата - овој пост ќе Ви помогне.


Купување плац во Македонија, купување недвижен имот
Купување плац во Македонија


  1. Уреден имотен лист и правилно внесени податоци

    Прво и најважно, е претходниот сопственик да има имотен лист со внесени податоци на негово име. Доколку сопственикот не Ви дава на увид имотен лист, можете сами да го проверите на веб-страната на катастар. Најлесно би било доколку го имате бројот на парцела, но можете да се снајдете и со наоѓање на локацијата на мапа (отворете Google Maps во друг прозорец за помош). Внимавајте површините запишани во катастар да бидат соодветни со постојната состојба. Доколку има објект на парцелата - треба да биде запишан на имотниот лист. Важно е во табелата ПРАВО НА СОПСТВЕНОСТ да не пишува 0, бидејќи во тој случај објектот не е легализиран.


  2. Катастарски план

    На катастарскиот план можете да ги проверите графички внесените површини. Ова исто така може да го проверите на онлајн страната на катастар на самата мапа или со вадење на извод од план (достапно онлајн на истата страна, или во Општина). Не мора да сте сопственик за да извадите извод од катастарски план или имотен лист.

    Внимавајте во пацелата од интерес да нема линии кои се сечат (видливо)! Линијата на објектот треба да биде или целосно залепена или допрена или сосема одвоена од линијата на парцелата - површините, односно линиите не смеат да се сечат во две точки! Постојат и такви случаи. Тоа претставува административен проблем за чие решавање ќе Ви требаат време и пари.


  3. Урбанистичка Документација

    Препорачливо е да ја разгледате урбанистичко - планската документација за делот каде што се наоѓа парцелата. Најдобра опција е да побарате од сопственикот, или да извадите од соодветната Општина Извод од План, доколку за местото постои план. Доколку не постои план, а сакате да градите таму - ќе Ви биде потребен урбанистички проект. Дури и да немате намера да градите, добро е да видите што се планира во иднина со парцелата - дали е планирано таму да поминува некаква инфраструктура од државно значење, каква класа на намена е планирана и слично. Пример, ако сакате да градите куќа - не купувајте земјиште наменето за индустрија и слично. Намената треба да биде компатибилна.


    Доколку планирате да градите, парцелата си има уредна маркица, проверете ги и другите податоци од изводот од план: која е дозволената висина на градба, површина, од која страна е предвиден влезот, каде е предвидено паркирањето и слично - за да знаете кои се опциите за градба.

    Иако овие параметри не се неменливи, може да се каже дека се тешко менливи.

    Деталните урбанистички планови, у.п. за село и у.п. вон населено место треба да се менуваат на 5 години, но во многу општини тоа не е случај - односно плановите важат и над 30 години. Дури и планот да е во процес на менување - имајте во предвид дека ова може да е повеќегодишен процес.


    За тоа како можете да влијаете на Урбанистички План како граѓанин, прочитајте тука: https://www.archx.mk/post/дали-можете-да-влијаете-на-урбанистички-план-како-граѓанин


    За било какви консултации и совети контактирајте нѐ на некој од следните начини: - на телефонските броеви,


    - на мејл : archx2020@gmail.com,

    - Фејсбук ( Archx Studio)

    - Инстаграм ( @archx_mk)

    - преку контакт страната : https://archx.mk/contact 


    или посетете нѐ во нашето студио во Влае, зад Тинексот, на ул.„Сливовска“ 7-23 Тука сме за да го направиме овој процес полесен!



    Во следните статии ќе Ви објасниме што значат параметрите на Деталниот Урбанистички План, кои ги добивате со Изводот од ДУП. Следете нѐ!



Comments


bottom of page